Словенечкиот премиер Роберт Голоб обвини странски служби за мешање во претстојните парламентарни избори во Словенија, по извештаите дека израелската приватна шпионска фирма „Блек кјуб“ ја посетила земјата во декември и се сретнала со главниот опозициски кандидат.
Словенечка група за човекови права одржа прес-конференција заедно со истражувачки новинар и двајца истражувачи, на која тврдеше дека „Блек кјуб“ стои зад видеа кои покажуваат наводна корупција и ги поврза со Демократската партија (СДС) на бившиот премиер Јанез Јанша.
„Ова е директен напад врз нашиот суверенитет и нашата демократија, ако се докаже странско мешање“, изјави министерката за надворешни работи Тања Фајон.
Во почетокот на овој месец се појави серија тајно снимени разговори со влијателен словенечки лобист, адвокат, поранешен министер и менаџер. Тие наводно покажуваат начини на влијание врз владата на Голоб за да се забрзаат постапки или да се добијат договори. Некои од нив наводно биле снимени на состаноци со луѓе кои се претставуваат како странски инвеститори.
„Блек кјуб“, основана во 2010 од поранешни израелски разузнавачи, се опишува себеси како фирма која обезбедува „разузнавачки услуги за високопрофилни судски спорови, арбитражи и случаи на финансиски криминал“.
Ника Ковач, директорката на групата за човекови права „Институт 8 март“, изјави дека објавувањето на видеата е „многу слично на она што се случи пред изборите во други земји во Европа и светот, што главно се припишува на разузнавачката компанија ‘Блек кјуб‘“.
„Откривме дека претставници на ‘Блек кјуб‘ ја посетиле Љубљана трипати кон крајот на минатата година. При нивната последна посета на 22 декември, Јанша лично ги пречекал во седиштето на СДС“, рече новинарот Борут Мекина, повикувајќи се на неоткриени извори.
СДС соопшти дека никогаш не слушнале за „Блек кјуб“ и ја нападна „корупцијата на левичарската елита прикажана во видеата“.



