САД ги повикаа сите страни во Сирија да им овозможат моментален пристап до хуманитарна помош на оние на кои им е потребна по минатонеделниот земјотрес во Турција и Сирија, во кој загинаа над 36.000 луѓе.
Обединетите нации кажаа дека најмалку 870.000 луѓе во двете земји итно требаат топол оброк, а само во Сирија, 5,3 милиони луѓе моментално се без дом. Турција кажа дека во болниците има 80.000 повредени, а над милион луѓе се сместени во привремени засолништа.
Десетици илјади спасувачи продолжуваат да пребаруваат по урнатините на смрзнувачки температури и од ОН велат дека спасувачката фаза полека завршува и приоритет станува обезбедување засолниште, храна и здравствена грижа за преживеаните.
Северозападниот дел на Сирија, кој главно е под контрола на бунтовниците, досега прими малку помош, зашто фактички е запечатен од владата, а таму постои само еден граничен премин со Турција. Сириската влада минатата недела најави дека е подготвена да испрати помош во северните зони.
ОН кажаа дека доставата на помош во бунтовничките области е отежната и поради проблемите со одобрението од тврдокорната група која контролира најголем дел од оваа територија. Станува збор за исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која САД и ОН ја имаат означено како терористичка организација и таа сега не прифаќа помош од владата во Дамаск.
„Нема да му дозволиме на режимот да ја искористи ситуацијата и да покаже дека помага“, кажаа од ХТС.
САД истовремено го притискаат Советот за безбедност да овозможи отворање на повеќе гранични премини помеѓу Турција и бунтовничкиот дел на Сирија, на што Русија досега се противеше. Од 2014, ОН имаат дозвола да испраќаат помош низ Турција, но тоа се одвиваше само преку еден граничен премин.