Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал за воздушната одбрана со Доналд Трамп и се согласиле да работат на зголемување на капацитетот на Киев да го брани небото додека руските напади ескалираат.
Украина бара од Вашингтон да ѝ продаде повеќе ракети и системи „патриот“, кои ги смета за клучни за одбрана на нејзините градови од руските воздушни напади.
Киев го предупреди Вашингтон дека одлуката да запре со некои испораки на оружје може да ја ослабне способноста на Украина да се брани од воздушните напади на Русија и од напредувањето на бојното поле. Германија соопшти дека е во преговори за купување системи „патриот“ за Украина.
Еден извор изјави дека се оптимисти дека испораките на ракети „патриот“ би можеле да продолжат по она што го нарече „многу добар разговор помеѓу претседателите“. Американскиот сајт „Аксиос“ објави дека разговорот траел околу 40 минути и дека Трамп му рекол на Зеленски дека ќе провери какво американско оружје треба да се испрати во Украина.
Разговорот уследи еден ден откако Трамп изјави дека имал разочарувачки повик со Владимир Путин, велејќи дека тој не сака да ја заврши војната. Русија потоа ја нападна Украина со повеќе од 500 дронови.