Сомалиски пирати киднапираа нафтен танкер во близина на брегот на Јемен, потврдија повеќе безбедносни претставници за „Би-Би-Си“. Јеменската крајбрежна стража соопшти дека танкерот „МТ Еурека“ е заземен во Аденскиот залив, во близина на пристаништето Кана, по што веднаш бил насочен кон сомалискиот брег.
Напаѓачите тргнале од оддалечена област во близина на градот Кандала во полуавтономниот регион Пунтленд. Танкерот, кој плови под знамето на западноафриканската држава Того, бил пресретнат од вооружени лица рано утринава околу 5 часот по локално време. Пловилото во моментов се движи меѓу Јемен и Сомалија и се очекува во наредните часови да се закотви во сомалиски води.
Ова е втор нафтен танкер што е киднапиран во овој регион во период од десет дена, по грабнувањето на бродот „Хонор 25“ на 22 април, кој превезуваше 18.500 барели нафта за Могадишу. Со денешниот напад, бројот на успешни пиратски пресретнувања во последните две недели се искачи на вкупно четири.
Дополнително, британската Агенција за поморски трговски операции (УКМТО) информираше за уште еден инцидент во петокот, кога вооружени лица со мал чамец се приближиле до товарен брод во близина на Ал-Мукала во Јемен. Овие напади се јасен сигнал дека пиратските активности се прошируваат долж сомалискиот брег, кој со 3.333 километри е најдолг во континентална Африка.
Повратот на сомалиското пиратство, кое беше во постојан пад од 2011 година, започна кон крајот на 2023 година. Безбедносните експерти објаснуваат дека нападите на јеменските бунтовници Хути во Црвеното Море и Аденскиот залив ги принудија меѓународните воени морнарици да го пренасочат својот фокус. Овој безбедносен вакуум го искористија вооружените групи од сомалискиот брег за повторно да ги активираат своите мрежи.
Безбедносните служби од регионот Пунтленд велат дека движењата на вооружените групи се во пораст по целата должина на брегот и дека кризата е многу посериозна отколку што изгледа. Сомалиските власти и поморските сили на Европската Унија (ЕУНАВФОР) сè уште немаат излезено со официјално соопштение за најновото киднапирање.



