Сопругата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се појави во јавност за првпат по повеќе од една година. Ри Сол-ју го придружуваше својот сопруг на вчерашниот концерт, со кој беше одбележан роденденот на неговиот покоен татко и бивш лидер на земјата, Ким Џонг-ил.
Ри порано често можеше да се види во друштвото на Ким на јавни настани, но тоа за последен пат се случи во јануари минатата година. Тоа покрена шпекулации за нејзиното здравје или за можна бременост.
Според Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, таа избегнувала да се појавува во јавност поради грижите околу ковид-19 и можеби поминувала време со децата. Северна Кореја досега нема потврдено случај на коронавирус, што, според експертите, е малку веројатно.
Ри, за која се вели дека има 31 година, потекнува од семејство од висока класа. Државните медиуми велат дека Ри порано била пејачка во елитниот оркестар Унхасу и се верува дека се омажила за Ким во 2009. Според јужнокорејските разузнавачи, тие заедно имаат три деца.