Сопственикот на барот „Ле Констелејшн“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана, каде во пожар за време на новогодишната прослава загинаа 40 лица, на истражителите им изјавил дека една од сервисните врати била заклучена од внатрешната страна. Французинот Жак Морети е во притвор од петокот, додека обвинителството ја истражува трагедијата во која повеќето од жртвите беа тинејџери, а уште 116 лица беа повредени.
Морети пред јавното обвинителство во регионот Вале изјавил дека за заклучената врата дознал веднаш по избувнувањето на пожарот. Според полициските извештаи што ги пренесуваат француските и швајцарските медиуми, тој по пристигнувањето на местото на настанот ја скршил вратата и зад неа нашол неколку онесвестени лица.
Првичните наоди од истрагата покажуваат дека пожарот бил предизвикан од прскалки кои дошле во контакт со звучната изолација од пена поставена на таванот во подрумот на објектот. Истражителите испитуваат и дали барот имал пристапни апарати за гаснење пожар и дали излезите биле според прописите. Сопругата на сопственикот, Џесика, која исто така е косопственик, била пуштена по сослушувањето во петокот.
Морети тврди дека самиот правел тестови и дека прскалките што ги користеле при послужување на алкохол не биле доволно моќни за да ја запалат пената. Тој признал дека сам ја купил и ја поставил изолацијата при реновирањето на објектот во 2015 година. Во врска со присуството на малолетници, сопственикот рече дека имал протокол со кој се забранува влез за лица под 16 години, но рече дека е можен пропуст кај обезбедувањето. Двојката е осомничена за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и предизвикување пожар од небрежност.



