Социјалдемократите (СПД) го поддржаа коалицискиот договор со конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ како последен чекор за формирање на новата германска влада. Партијата истовремено го предложи својот лидер Ларс Клингбел за вицеканцелар и министер за финансии.
Поддршката од СПД му го отвора патот на Фридрих Мерц да биде потврден за нов канцелар на 6 мај, кога за тоа ќе се гласа во парламентот.
ЦДУ/ЦСУ победи на предвремените парламентарни избори во февруари, но не успеа да освои мнозинство. Двата коалициски партнера ја отфрлија можноста за соработка со крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), која заврши на второто место на изборите.
СПД ќе има уште пет министри во новата влада, при што се очекува Борис Писториус да остане министер за одбрана. Оживувањето на најголемата европска економија ќе биде главен приоритет за новата влада, особено бидејќи новите американски царини би можеле дополнително да ѝ наштетат.