Тајландските власти и официјално потврдија дека првите две момчиња се извадени од пештерите, во кои што заедно со уште десетмина и со нивниот фудбалски тренер беа заглавени две недели.
„Две деца излегоа надвор. Тие моментално се на првични испитувања во импровизираната болница поставена во близина на пештерата. Потоа ќе бидат префрлени во болницата во Чијанг Раи“, изјави шефот на локалниот здравствен оддел, Тосатеп Бунтонг.
Со тим од 18-мина нуркачи, од кои 13-мина странци, властите утрово почнаа сложена и ризична операција за извлекување на децата, а регионалниот гувернер Наронгсак Осотанакорн не можеше да потврди колку таа ќе трае.
„Поради сложеноста на пештерскиот систем и на операцијата, не можеме со сигурност да знаеме колку деца ќе бидат извадени во првата група. Во спасувањето учествуваат нуркачи од Тајланд, САД, Австралија, Кина и Европа“, кажа тој.
Властите одлучија да ги забрзаат плановите за извлекување, бидејќи од овој викенд беа најавени нови монсунски дождови, кои се закануваа целосно да ја потопат пештерата.