Спасени се сите 174 луѓе кои останаа заглавени во кабините на жичницата кај Анталија по завчерашната несреќа во која еден 54-годишен маж го загуби животот. Жичницата беше сопрена откако една кабина удри во паднат столб, при што се отвори, а патниците испаднаа од неа. Притоа беа повредени десет луѓе.
Последните 43 патници беа извлечени речиси 23 часа откако се случи несреќата. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја се огласи на социјалната мрежа Икс за да го објави успешното завршување на сложената спасувачка акција.
Во неа беа вклучени над 600 спасувачи од сите делови на Турција и десет хеликоптери.
„Ноќта беше ужасна, сите беа многу уплашени. Беше мачење да се биде во кабината толку многу часови. Цело време се нишаше и постојано бевме во страв. Не знам како ќе ја надминам оваа траума“, изјави Ајше Хатиџе Полат од Истанбул, која беше заглавена заедно со семејството.
Пуштена во промет во 2017, оваа жичница ги превезува луѓето од плажата Коњалти до ресторан и видиковец на 618 метри високиот врв Тунектепе.
Јавниот обвинител на Анталија отвори истрага за несреќата, а одреден е притвор за 13 лица, вклучувајќи менаџери на компанијата која управува со жичницата.