Спасувачките екипи во Непал извлекоа уште двајца преживеани на безбедно, 10 дена по разорната ненадејна поплава на Хималаите, соопшти денеск полицијата. Жена на возраст од околу 60 години е спасена жива од затрупана куќа во Бетравати, во провинцијата Багмати која граничи со Тибет, изјави портпарол на полицијата. Таа со хеликоптер е пренесена во Катманду на лекување. Немаше дополнителни информации за нејзината состојба.
Во меѓувреме, непалската војска го потврди спасувањето на кинески државјанин од тунел во уништена хидроцентрала во областа Расува. Мажот бил подложен на медицински преглед, објави весникот „Катманду пост“. Спасувачите навлегле околу 225 метри длабоко во зафатениот тунел за да го извлечат. Потрагата по исчезнати лица во тунелскиот систем на хидроцентралата „Горна Тришули-1“ продолжуваше.
Вчера, спасувачките екипи во Непал извлекоа две лица живи од тунел во хидроцентралата „Горна Тришули 3А“. Се претпоставува дека стотици луѓе сè уште се заробени во тунелите.
Досега се потврдени повеќе од 1.300 смртни случаи како последица на катастрофата во Непал и Тибет. Во Непал, бројката се искачи на 1.344, вклучително и 85 деца, според најновите информации од тамошната полиција. Бројот на исчезнати лица се проценува на речиси 4.900, меѓу кои има 618 странци. Според најновите податоци, бројот на загинати во Тибет изнесува 31. Таму сè уште се водат како исчезнати уште 531 лице.



