Преживеаните на најсмртоносниот земјотрес во Мароко во последните шест децении се мачат да дојдат до храна, вода и засолниште, додека продолжува потрагата по исчезнати во зафрлените села, а бројот на загинати порасна на повеќе од 2.100.
Многу луѓе ја поминаа третата ноќ на отворено откако земјата во петокот ја погоди земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала. Спасувачките екипи се соочуваат со големи проблеми да стигнат до најпогодените села во планинскиот венец Атлас, кои често се зафрлени и каде што многу куќи се урнаа.
Досега е потврдено дека загинале 2.122 луѓе, а над 2.400 се повредени. Мароканските власти соопштија дека ќе прифатат странска помош. Шпанија е првата земја која испрати спасувачи и кучиња за да помогнат во потрагата по преживеани.
Големи штети има и на мароканското културно наследство. Уништена е важна џамија од 12. век и оштетени се делови од стариот град во Маракеш. Епицентар на земјотресот бил во планинските села околу 70 километри јужно од Маракеш.
Зафрленото село Тафегагте во провинцијата Ал-Ауз е речиси целосно уништено, при што загинале половина од тамошните 200 жители, соопшти новинската агенција АФП. Само во оваа провинција има над 1.300 загинати, а од земјотресот се погодени 18.000 семејства.