Спотифај загуби околу 2,1 милијарди долари во период од три дена оваа недела, откако рок легендата Нил Јанг ги тргна своите песни од гигантот за аудиостриминг во знак на протест против подкастот на Џо Роган кој шири дезинформации за ковид-19.
Акциите на Спотифај на 27 јануари беа на најниско ниво во последните 19 месеци. Тоа се случи откако Јанг на 26 јануари објави дека бара од компанијата да ја тргне неговата музика, и напиша дека „Спотифај неодамна стана многу штетна сила преку нејзините јавни дезинформации и лаги за ковид“. Тој не го цитираше Роган по име, туку се осврна на отвореното писмо од лекари и здравствени работници објавено претходно овој месец, во кое се повикува Спотифај да ги запре невистините поврзани со коронавирусот што се емитуваат на подкастот „Искуството на Џо Роган“.
Акциите на Спотифај благо закрепнаа во петокот, во услови на поширок раст на пазарот. Сепак, тоа се случи пред Џони Мичел да објави дека и таа ќе ја отстрани својата музика од Спотифај.
„Неодговорните луѓе шират лаги кои чинат животи. Се солидаризирам со Нил Јанг и глобалните научни и медицински заедници за ова прашање“, напиша легендарната кантавторката.
Двете рок-легенди, Нил Јанг и Џони Мичел, се пријатели долги години, и двајцата преживеале детска парализа. И двајцата се заразиле со болеста во раните 1950-ти, кусо пред да има вакцина.
Инвеститорите на Спотифај се загрижени дека заминувањето на уметниците би можело да се зголеми во наредните денови и да предизвика голем број откажувања од клиентите. Хаштаговите #CancelSpotify, #DeleteSpotify и #ByeSpotify беа тренд на социјалните мрежи по ултиматумот на Јанг и одлуката на Спотифај да ја отстрани неговата музика.
Роган, чиј ексклузивен повеќегодишен договор за дистрибуција со Спотифај за неговиот подкаст се проценува дека вреди над 100 милиони долари, е водител на најслушаниот подкаст на Спотифај во 2021, според компанијата. Неговото флертување со личности од екстремната десница и неговиот коментар против вакцините и носењето маски претходно беа остро критикувани – меѓу другите и од д-р Ентони Фаучи – но контроверзноста на Роган се крена на ново ниво со протестот на Нил Јанг.