Заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем, изјави дека групата е спремна да се спротивстави на каква било израелска копнена офанзива во Либан. Ова беше негово прво јавно обраќање откако во петокот беше убиен долгогодишниот лидер на Хезболах, Хасан Насралах.
„Израел нема да ги оствари своите цели. Спремни сме на секоја можност. Нашите сили на отпорот се спремни ако Израелците одлучат да влезат во Либан по копно“, кажа Касем.
Израел му зададе серија тешки удари на Хезболах во изминатите десетина дена, елиминирајќи неколкумина високи заповедници. Министерот за одбрана Јоав Галант претходно кажа дека воздушните напади врз Либан се можеби вовед во копнена офанзива.
„Знаеме дека битката можеби ќе биде долга, но спремни сме и ќе излеземе како победници“, порача Касем, повикувајќи на трпение.
Тој кажа дека советот на Хезболах наскоро ќе одлучи кој ќе го наследи Насралах, кој беше лидер во изминатите 32 години.
Касем (71) е еден од ветераните на Хезболах, каде што служи како заменик-генерален секретар од 1991. Со политички активизам почнал во 1970-тите и бил еден од основачите на Хезболах во 1982.