Средбата во Саудиска Арабија е само првиот чекор за да се види колку е Москва сериозна кога зборува за крај на војната во Украина, а не вистински почеток на мировните разговори, кажаа САД пред првите директни разговори со Русија по повеќе години пауза. Во Ријад пристигнаа некои од највисоките американски и руски функционери, предводени од првите дипломати Марко Рубио и Сергеј Лавров, додека Украина и Европа не се поканети.
Русија вчера нагласи дека ова се строго билатерални разговори и најава за можна идна средба помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин во Саудиска Арабија.
„Трамп и неговиот тим се решавачи на проблеми. Тие веќе се справија со голем број предизвици многу брзо, ефикасно и успешно“, изјави членот на руската делегација Кирил Дмитриев.
Русија зазеде тврд став пред разговорите во Ријад, па Лавров ја отфрли можноста за какви било територијални отстапки кон Украина.
„Територијалните отстапки на она што сега се нарекува Украина беа направени од советското раководство за време на формирањето на Советскиот Сојуз“, кажа Лавров.
На вчерашниот вонреден самит во Париз, европските лидери предупредија дека би било опасно да се договори примирје без мировен договор и дека ништо не смее да ѝ се наметнува на Украина. Кит Келог, специјалниот американски претставник за Украина, изјави дека никој нема да ја принудува Украина да прифати некаков мировен договор.