Српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ објави дека утре ќе поднесе оставка поради несреќата на железничката станица во Нови Сад, кога во уривањето на настрешницата загинаа 14 луѓе, а тројца се тешко повредени. Весиќ кажа дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку оставката ја дава како одговорен човек.
„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 луѓе, зашто ни јас, ни луѓето кои работат со мене немаат ни трошка одговорност за трагедијата што се случи. Оставката ја давам од морални причини зашто се случи во ресорот што го водам“, изјави Весиќ, кадар на Српската напредна партија.
Тој кажа дека сите документи што се однесуваат на проектот биле издадени пред да стане министер и дека во неговиот мандат само бил изработен конечниот проект за изведување на работите.
„Ги повикувам надлежните да утврдат кој е одговорен и кој не си ја завршил работата поради што починаа 14 луѓе“, кажа Весиќ.
Тој беше меѓу функционерите чија оставка се бараше по несреќата во петокот, во која загина и Македонецот Васко Саздовски, кој работел во Нови Сад.
Лекарите кажаа дека тројцата повредени и натаму се во тешка состојба и животно загрозени.