СРПСКИОТ ПРЕМИЕР ВУЧЕВИЌ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НОВИ САД МИЛАН ЃУРИЌ ПОДНЕСОА ОСТАВКИ

    СРПСКИОТ ПРЕМИЕР ВУЧЕВИЌ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НОВИ САД МИЛАН ЃУРИЌ ПОДНЕСОА ОСТАВКИВучевиќ смета дека ова што се случува во Србија е осмислено во странство (Фото: Танјуг)

    Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка, ден откако претседателот Александар Вучиќ повика на итна и огромна реконструкција на владата. Покрај него, оставка најави и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

    „Горд сум на сѐ што направивме во изминатите девет месеци. Сепак, она што фрли голема сенка врз минатата година и мандатот на оваа влада е трагичниот настан од 1 ноември. Од тој момент, Србија како да остана заглавена во таа несреќа. За жал, повторно гледаме политички злоупотреби на таа трагедија“, кажа Вучевиќ на вонредна прес-конференција, додавајќи дека со овој негов потег целата влада практички е во оставка.

    Тој предупреди дека во Србија постои сериозна поделба, а земјата е на раб на судир.

    „Сето ова што се случува е осмислено во странство, во тоа немам никаков сомнеж“, кажа Вучевиќ.

    Тој рече дека има одговорност да поднесе оставка по ноќешниот тежок инцидент во Нови Сад, во кој активисти на Српска напредна партија нападнаа и претепаа студенти, при што една студентка е тешко повредена.

    Вучевиќ додаде дека оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, со што, како што кажа, се исполнуваат и „најполитичките барања на најекстремниот дел на демонстрантите“.

    „И претседателот на владата и градоначалникот на Нови Сад сметаат дека се објективно одговорни за она што се случи и како објективно одговорни поднесуваме оставки. Нека тоа доведе до смирување на страстите и до враќање на дијалогот“, кажа Вучевиќ.

    Оставка на Вучевиќ и Ѓуриќ беше првото барање на новосадската опозиција и студентите по уривањето на настрешницата на железничката станица, кога загинаа 15 луѓе, покрај објавувањето на комплетната документација за нејзината реконструкција. Вучиќ вчера кажа дека досега се објавени повеќе од 13.000 документи и дека е спремен да ги помилува сите уапсени и приведени на протестите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира