Статуата на трговец со робови во англискиот град Бристол е урната на вториот ден од протестите против расизмот што се одржуваат низ Велика Британија, при што беше фрлена во река.
Вчерашните протести поминаа мирно, но денеска имаше судири со полицијата. Илјадници демонстранти се собраа пред американската амбасада во Лондон, а маршеви имаше и во Манчестер, Вулверхемптон, Нотингем, Глазгов и Единбург.
Во Бристол, демонстрантите со помош на јаже ја урнаа бронзената статуа на Едвард Колстон, познат трговец со робови од 17. век, која беше предмет на контроверзи во градот веќе подолго време. Колстон бил член на Кралската африканска компанија, која превезла 80.000 мажи, жени и деца од Африка во Америка. Тој починал во 1721 година, оставајќи му го целото наследство на градот.
Откако ја урнаа, демонстрантите ја влечеа статуата по улиците на Бристол, по што ја фрлија во пристаништето.