СТОТИЦИ ДЕЦА МИГРАНТИ ПРЕСЕЛЕНИ ОД ЦЕНТАРОТ ВО ТЕКСАС КАДЕ БИЛЕ ДРЖЕНИ ВО ЌЕЛИИ ВО НЕХУМАНИ УСЛОВИ

    СТОТИЦИ ДЕЦА МИГРАНТИ ПРЕСЕЛЕНИ ОД ЦЕНТАРОТ ВО ТЕКСАС КАДЕ БИЛЕ ДРЖЕНИ ВО ЌЕЛИИ ВО НЕХУМАНИ УСЛОВИГраничните власти признаа дека центарот во Клинт не ги исполнува условите за чување деца (Фото: АП)

    Околу 250 деца мигранти се преселени од пренатрупаниот пограничен центар во Тексас, каде што биле држени со недели во тешки услови. Адвокатите кои добиле пристап до центарот во Клинт изјавиле дека децата изгледале „сериозно запоставени“.

    „Децата биле заклучени во ужасни ќелии, кадешто на располагање имале само еден отворен тоалет сместен на средина од собата“, кажа еден од адвокатите.

    Голем број родители, главно од Средна Америка, беа раздвоени од своите деца при илегалното преминување на американската граница во октомври 2018. Во исто време, граничните патроли оваа недела пријавиле седум смртни случаи на мигранти во Тексас, вклучувајќи две бебиња и едно мало дете.

    „Никој не водеше грижа за затворените деца. Не им беше овозможено да одржуваат хигиена на редовна база. Ќелиите беа пренатрупани, се појавија и болести. Децата се чуваа заклучени во изолација без надзор од возрасни. Болни деца едноставно беа оставени да лежат на земја“, кажа Ворен Бинфорд, професор на Универзитетот Орегон, откако го посети центарот во Клинт.

    Адвокатката Елора Мухерџи изјави дека децата биле во истата облека што ја носеле кога ја преминале границата.

    „Тоа е нехумано и не би смеело да се случува во САД“, рече таа.

    Граничните власти признаа дека центарот во Клинт не ги исполнува условите за оваа намена и дека поголемиот дел од децата сега е преселен. Во Клинт сега се останати уште 30-ина деца.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира