Стотици илјади продемократски демонстранти се вратија на улиците на Истанбул за да му дадат поддршка на уапсениот градоначалник Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Имамоглу беше уапсен минатата недела под обвинение за корупција и водење на криминална организација, што доведе до масовни протести низ земјата.
Саботната маса беше толку голема што се прошири и надвор од местото на протестот, во соседниот парк. На присутните им се обрати претседателот на Републиканската народна партија (ЦХП) Озгур Озел, кој го прочита писмото на Имамоглу, напишано во затворот.
„Не се плашам, вие сте со мене и зад мене. Не се плашам зашто нацијата е обединета, обединета против угнетувачот“, стоеше во писмото.
Озел кажа дека на протестот имало 2,2 милиони луѓе.
Имамоглу е градоначалник на Истанбул од 2019 и лани убедливо освои уште еден мандат. Сепак, тој беше суспендиран од функцијата по апсењето. Неодамна беше избран за кандидат на ЦХП на претседателските избори во 2028 и многумина веруваат дека тој е единствениот политичар кој може да ги предизвика Ердоган и неговата партија Правда и развој.
Вчерашниот протест помина мирно, за разлика од претходните демонстрации, на кои имаше судири со полицијата и беа уапсени речиси 2.000 луѓе, вклучувајќи новинари. Ердоган ги опиша демонстрантите како улични терористи и ги обвини за напади врз полицијата и за уништување на јавен имот.