Стотици поддржувачи на Доналд Трамп со часови биле оставени на студено време на аеродромот во Омаха, Небраска, по завршувањето на неговиот предизборен митинг, при што некои морале да пешачат пет километри до автобусите, додека други биле однесени со амбулантни возила.
Седум луѓе завршиле во болница со различни состојби, а вкупно 30 примиле одредена медицинска помош, соопшти полицијата на Омаха. Аеродромските власти пак кажаа дека шестмина биле хоспитализирани за време на настанот, но немаат информации дека причината за тоа е студеното време.
Температурата во областа се спуштила и до -2 Целзиусови степени, придружено со студен ветер.
Многумина од оние кои биле на митингот морале со часови да чекаат да излезат од паркингот или да се качат во автобусите. Полицијата кажа дека 25.000 луѓе биле однесени на митингот со автобуси.
„Тоа е сликата што го доловува целиот пристап на Трамп кон кризата“, изјави неговиот противник Џо Бајден.