Дваесет и едногодишен индиски студент по медицина загина во денешното руско ракетирање на центарот на Харкив, потврди и индиското министерство за надворешни работи и тој е една од првите странски жртви на руската инвазија. Идентификуван како Навен Шекарапа Гјанагудар од јужната индиска држава Карнатака, тој бил студент на четврта година на Националниот медицински универзитет во Харкив.
Негови пријатели кажаа дека тој загинал додека стоел во редица пред продавница.
Според индиското министерство за надворешни работи, во Украина имало 20.000 индиски државјани, главно студенти и 12.000 досега биле евакуирани, додека останатите се во конфликтните зони или на границите.
Украина е популарна дестинација за индиските студенти, каде што за помали суми студираат медицина или инженерство.
Властите на Харкив кажаа дека во денешниот ракетен напад на историскиот центар на градот загинале над десет луѓе.