СТУДЕНТ ОД КОНГО СЕ ПРИДРУЖИ НА МИЛИЦИЈАТА НА ЛУГАНСК, НЕГОВИТЕ ПРОРУСКИ СТАВОВИ СЕ РАШИРЕНИ ВО АФРИКА

    СТУДЕНТ ОД КОНГО СЕ ПРИДРУЖИ НА МИЛИЦИЈАТА НА ЛУГАНСК, НЕГОВИТЕ ПРОРУСКИ СТАВОВИ СЕ РАШИРЕНИ ВО АФРИКАЖан Клод Сангва дошол во Русија пред две години за да студира во Ростов, а лани се префрлил во Луганск (Фото: Телеграм)

    Војувањето во редовите на проруските сепаратисти не било спомнато во брошурите на Универзитетот Луганск кога 27-годишниот Конгоанец Жан Клод Сангва се преселил во одметнатиот источноукраински регион минатата година за да студира економија. Но, кога Народната Република Луганск прогласи општа мобилизација на 19 февруари, Сангва и двајца негови колеги од Демократска Република Конго и Централноафриканска Република одлучиле да се придружат на воената милиција за да се борат против украинските сили.

    „Се придружив зашто војната дојде во нашата република. Што друго можев да направам? Јас сум маж и мора да се борам. Целиот свет е против Русија“, вели Сангва.

    Тој дошол во Русија пред две години за да студира во Ростов, а потоа се префрлил во Луганск.

    Африканците имаат долга традиција на студирање во Русија, почнувајќи од школарините што Советски Сојуз ги давал за студентите од новите независни социјалистички и комунистички држави во Африка. Од крајот на 1950-ите до 1990, околу 400.000 млади Африканци студирале во СССР, а моментално ги има околу 17.000 на руските универзитети.

    Откако се придружил на милицијата на Луганск, Сангва поминал два месеца на фронтот, при што дури се верувало дека загинал. Моментално патролира по улиците на Луганск.

    Нема докази дека други Африканци се борат во Украина. Иако приказната на Сангва е необична, неговите проруски ставови и уверувања за тоа кој е одговорен за војната во Украина се раширени во големи делови од Африка. Владимир Путин со години ги развиваше односите со лидерите во Африка и во 2019 го организираше првиот руско-африкански самит, на кој учествуваа 43-ца лидери од континентот.

    „Многумина во Африка веруваат дека конфликтот е предизвикан од ширењето на НАТО и невнимателните западни политики. Во Африка, западот се обвинува за двојни стандарди и дека повеќе се грижи за Украина отколку за трагедиите што се случуваат во Африка и други делови од светот“, вели Пол Стронски, експерт за Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира