СУНАК ЈА ОТКАЖА СРЕДБАТА СО МИЦОТАКИС ВО ЛОНДОН ПОРАДИ СПОРОТ ОКОЛУ УКРАДЕНИТЕ СКУЛПТУРИ ОД ПАРТЕНОН

    СУНАК ЈА ОТКАЖА СРЕДБАТА СО МИЦОТАКИС ВО ЛОНДОН ПОРАДИ СПОРОТ ОКОЛУ УКРАДЕНИТЕ СКУЛПТУРИ ОД ПАРТЕНОНВо интервјуто за Би-Би-Си, Мицотакис кажа дека мермерните скулптури треба да се вратат во Грција, што го налутило Сунак (Фото: Гети)

    Британскиот премиер Риши Сунак во последен момент ја откажа средбата со својот грчки колега Кирјакос Мицотакис во Лондон среде дипломатскиот спор помеѓу владите на двете земји околу украдените мермерни скулптури од Партенон. Мицотакис ја одби понудата да се сретне со британскиот вицепремиер.

    Откажувањето на средбата уследи ден по изјавата на Мицотакис за Би-Би-Си дека скулптурите треба да се вратат во Грција.

    Ако некои артефакти се во Лондон, а остатокот во Атина, тоа е како ‘Мона Лиза‘ да сте ја пресекле на пола“, кажа Мицотакис.

    Тој изрази разочарување од откажувањето на средбата во последен момент.

    Оние кои цврсто веруваат во исправноста и праведноста на своите ставови никогаш не се двоумат да се вклучат во конструктивна дебата. Нашите позиции во врска со скулптурите од Партенон се добро познати. Очекував да разговарам со мојот британски колега за ова прашање, но и за ситуацијата во Газа и Украина, климатската криза и миграцијата“, изјави Мицотакис.

    Извори од грчката влада кажаа дека Мицотакис бил изнервиран од постапката на Сунак, кој, пак, бил вознемирен од интервјуто на грчкиот премиер за Би-Би-Си.

    Нашата позиција е јасна. Партенонските скулптури се дел од постојаната колекција на Британскиот музеј и припаѓаат таму. Тие не треба да бидат тема на преговори за ниеден британски политичар“, кажаа од британската Конзервативна партија.

    Овие скулптури се наоѓаат во Лондон од 1816 година, откако британскиот дипломат Лорд Елгин ги отстранил од Партенон во почетокот на 19. век.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира