Околу 200 земји ќе земат учество на самитот за климатските промени ЦОП26, кој почнува денеска во Глазгов со една година одложување поради пандемијата и многумина го сметаат за клучен за иднината на планетата. Во најголемиот град во Шкотска пристигнуваат и илјадници активисти од цел свет, предводени од Грета Тунберг, со цел да извршат притисок врз светските лидери да ги исполнат своите ветувања за намалувањето на штетните емисии.
Државите треба да соопштат како ќе ги намалат емисиите до 2030 година за да ѝ помогнат на Земјата, додека научниците предупредуваат дека е неопходна итна акција за да се спречи климатска катастрофа.
„Самитот ќе биде момент на вистината за светот. Сите се прашуваат дали ќе ја искористиме шансата или ќе дозволиме да ни избега“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Додека се собираат учесниците, Светската метеоролошка организација денеска ќе објави извештај за состојбата на климата. На самитот треба да оживеат ветувањата за ограничувањето на глобалното загревање на 1,5 Целзиусови степени во споредба со прединдустриското ниво, што, според научниците, е клучно за да се избегнат најстрашните последици.
„Да бидеме искрени, постои сериозен ризик дека самитот во Глазгов нема ништо да реши. Иако неодамнешните ветувања беа јасни и веродостојни, ние сè уште се движиме кон климатска катастрофа“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
За време на самитот, планирани се бројни ненасилни протести во Глазгов, што почна со процесија низ центарот на градот. Дел од активистите пропешачиле илјадници километри за да стигнат до Глазгов. Централен протест е најавен за следниот петок, на кој треба да учествуваат 100.000 луѓе.
Шкотската полиција соопшти дека 10.000 полицајци од Велика Британија ќе го обезбедуваат Глазгов. Се очекува 30.000 луѓе да присуствуваат на климатската конференција во следните две недели.