Светските лидери фрлија парички за среќа во прославената фонтана Треви, традиција за посетителите во Рим која трае со векови. Легендата вели дека фрлањето паричка со десната рака преку левото рамо значи дека ќе се вратите во Рим. Тоа го направија и повеќето светски лидери на крајот на дводневниот самит на Г20 во Рим, на кој дискутираа за глобалниот корпоративен данок, климатските промени и вакцините против ковид-19.
Италијанскиот премиер Марио Драги, кој живее во Рим, не фрли паричка, а Џо Бајден го пропушти настанот.
„Традицијата вели дека фрлањето паричка во Треви значи враќање во Рим. А, она што на светот сега му треба е враќањето на состојбата што беше пред ковид-19“, напиша шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, на Твитер.
Лидерите добија специјално изработена паричка од едно евро на која беше отпечатен Витрувијанскиот човек на Леонардо да Винчи.
Се проценува дека секоја година во фонтаната од 18. век се фрлаат парички во вредност од милион евра, кои одат во хуманитарни цели.