Од билкарите во Африка кои собираат растенија за да прават облоги до акупунктуристите во Кина кои користат игли за лекување на мигрена и индиските јогини кои практикуваат медитација, традиционалните начини на лекување сè повеќе се покажуваат како ефикасни и заслужуваат поголемо внимание и истражување, вели Светската здравствена организација (СЗО).
Историскиот недостаток на докази, поради што многумина ги отфрлаат народните практики, би можел да се промени со повеќе инвестиции и со употреба на модерна технологија, според Шјама Курувила, која го води Глобалниот центар за традиционална медицина на СЗО.
Порано оваа година, земјите се согласија дека СЗО треба да усвои нова глобална стратегија за традиционалните лекови за следната деценија, која треба да го искористи нивниот потенцијален придонес кон здравјето и благосостојбата. Тоа вклучува планови за воспоставување обемна база на докази за практиките на традиционалната медицина, регулација на третманите и практичарите и интегрирање на практиките во популарната биомедицинска здравствена заштита.
Традиционалната медицина се дефинира како системи за здравје и благосостојба што претходат на биомедицината и доаѓа во многу облици, од билен чај до ајурведскиот медицински систем на Индија.
„Многу од овие вековни практики имаат огромен потенцијал и сега можат да се истражат на нови начини, со современи технологии. Новите методи им овозможуваат на научниците да ја проучуваат традиционалната медицина на начин што не беше можен порано“, вели Курувила.
Геномиката може да поттикне ново разбирање на својствата на растенијата, додека модерната опрема за скенирање може да детектира промени во мозокот на луѓето кои медитираат.
Постои загриженост дека стратегијата на СЗО би можела да отвори можност за влегување на ненаучни системи, како што е хомеопатија, во мејнстримот, но Курувила истакнува дека таа не се вклопува во дефиницијата на СЗО за традиционална медицина, зашто е создадена дури кон крајот на 18. век и нема доволно силни докази за оваа практика.



