Потрагата по 12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер кои повеќе од една недела беа изгубени во пештери во Тајланд заврши среќно, откако сите беа пронајдени живи, објави регионалниот гувернер.
„Сите се на безбедно. Тие се лоцирани од специјални единици“, изјави Наронгсак Осотанакорн, ставајќи крај на масовната потрага, што цела држава ја држеше во неизвесност девет дена.
Сепак, тие сѐ уште не се изведени на површина, што, исто така, ќе биде ризична и сложена операција поради надојдената вода и големи количества кал.
Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа на 23 јуни, кога тргнале да го истражуваат пештерскиот систем Там Луанг во областа Чијанг Раи. Оттогаш, нивната судбина беше непозната.
„Тие се на сигурно, но нашата мисија не е комплетирана. Нашата мисија е барај, спаси, врати. Засега само ги пронајдовме“, додаде гувернерот.