Талибанската влада во Авганистан времено го забрани шахот поради стравувањата дека играта е извор на коцкање. Властите рекоа дека играта е забранета на неодредено време додека не се утврди нејзината компатибилност со исламскиот закон.
Шахот е најновиот спорт што е ограничен од талибанците. На жените во суштина им е забрането да спортуваат. Откако ја презедоа власта во август 2021, талибанците постојано наметнуваат закони и прописи кои ја одразуваат нивната строга визија за исламскиот закон.
Вчера, Атал Машвани, портпарол на Управата за спорт на талибанската влада, рече дека шахот во исламскиот шеријатски закон „се смета за средство за коцкање“.
„Постојат религиозни размислувања во врска со спортот шах. Додека не се решат овие размислувања, спортот шах е суспендиран во Авганистан“, изјави тој за новинската агенција АФП.
Еден сопственик на кафуле во Кабул, каде имаше неформални шаховски натпревари во последниве години, рече дека ќе ја почитува одлуката, но тоа ќе му наштети на неговиот бизнис.
„Младите луѓе немаат многу активности овие денови, па многумина доаѓаа овде секој ден. Ќе испијат шолја чај и ќе ги предизвикаа своите пријатели на партија шах“, рече Азизулах Гулзада, и додаде дека шах се игра и во други земји со мнозинско муслиманско население.
Минатата година, властите ги забранија слободните борби како што се мешаните боречки вештини (ММА) во професионални натпревари, велејќи дека тоа е премногу „насилно“ и „проблематично во однос на шеријатот“.