Талибанците објавија дека убиле четворица осудени киднапери и ги обесиле нивните тела на плоштади во авганистанскиот град Херат. Талибанците уште пред неколку дена предупредија дека во нивното владеење ќе продолжат со егзекуции и ампутации.
Локалните жители велат дека виделе тело како виси од кран во центарот на градот.
Вазир Ахмад Седики, сопственик на локален дуќан вели дека четири тела биле донесени на плоштадот, едно било обесено, а останатите три тела се пренесени на други плоштади и ќе бидат исто така јавно обесени.
Според заменик-гувернерот на Херат, Маулваи Шаир, телата се изложени со цел да се спречат понатамошни киднапирања. Мажите биле убиени во престрелка, откако талибанците дознале дека тие киднапирале бизнисмен со неговиот син, кои пак биле ослободени.
Откако ја преземаа власта во Авганистан на 15 август, талибанците ветија поблага форма на владеење за разлика од претходниот пат од 1990-те. Но, веќе се забележуваат голем борј прекршувања на човековите права.
Неодамна, и исклучија девојчињата од средните училишта во Авганистан и им наредија само на машките ученици и професори да се вратат во училниците. Тие објавија дека средните училишта во земјата повторно се отвораат, но жени и девојчиња не беа спомнати.