„Тесла“ му додели на својот извршен директор Илон Маск акции во вредност од 29 милијарди долари во обид да го задржи во фирмата. Овој потег следува откако судот во Делавер ја поништи исплатата за Маск од 2018 година вредна повеќе од 50 милијарди долари, опишувајќи ја како неправедна кон акционерите.
Маск поднесе жалба на одлуката, а „Тесла“ денеска им соопшти на акционерите дека е уверена дека акциите од 29 милијарди долари ќе го охрабрат да остане во компанијата, во периодот кога војната за таленти за вештачка интелигенција се интензивира.
„Никој не може да се спореди во лидерското искуство и техничката експертиза со Илон. Тој е докажан во градењето револуционерни и профитабилни бизниси“, соопшти „Тесла“.
Компанијата додаде дека доколку судот во Делавер го врати договорот од 2018, Маск ќе се откаже или ќе го врати новиот пакет акции.
Маск има извршни функции во уште неколку компании. Тој неодамна објави дека се повлекува од политиката, со цел да им се посвети на своите бизниси.