Кремљ го обвини Џо Бајден дека се служи со неприфатлива и непростлива реторика откако тој првпат го нарече Владимир Путин воен злосторник. Тоа е најострата осуда на рускиот претседател од почетокот на инвазијата пред три недели, откако Бајден досега се воздржуваше да ги опише документираните злосторства во Украина како воени злосторства.
„Мислам дека тој е воен злосторник“, кажа Бајден пред американските новинари.
Администрацијата на Бајден го промени своето гледиште за војната во Украина откако Володимир Зеленски објави видео од страдањата на Украинците за време на своето вчерашно обраќање до американскиот Конгрес.
„Видовме извештаи дека руските сили држат стотици лекари и пациенти како заложници во најголемата болница во Мариупол. Тоа се злосторства за кои Путин ќе плати висока цена“, кажа Бајден.
И од полската влада го осудија Путин како воен злосторник.
„Кремљ веруваше дека украинската влада некако ќе исчезне. Тоа не се случи, а Украинците храбро се бранат. Затоа Путин одлучи да удри на цивилната инфраструктура и да користи сè побрутална тактика. Тоа е воено злосторство“, изјави заменик-министерот за надворешни работи Марцин Пшидач.