Доналд Трамп продолжува со својата одмаздничка кампања и сега се насочува кон ѕвездите кои ја поддржаа Камала Харис во предизборната трка. Американскиот претседател го нападна легендарниот рокер Брус Спрингстин, за кого кажа дека не е многу талентиран и го навредуваше неговиот физички изглед, откако тој на концерт во Англија ја опиша американската влада како коруптивна, некомпетентна и предавничка.
Трамп сега бара истрага против славните личности кои ја поддржаа Камала Харис, издвојувајќи ги Спрингстин, Опра Винри и Боно Вокс, тврдејќи дека тие биле нелегално платени.
„На кандидатите не им е дозволено да плаќаат за поддршката, што го направи Камала, под маската дека плаќа за забава. Тоа беше многу скап и очајнички обид вештачки да создаде гужва. Тоа не е легално. Колку му плати Камала на Брус Спрингстин за неговиот слаб настап во нејзината кампања? Зошто тој ги прифати тие пари ако е толку голем нејзин фан? Што е со Бијонсе и колку земале Опра и Боно? Ќе отворам голема истрага за тоа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Камала Харис доби поддршка од бројни славни личности во предизборната кампања, при што Бијонсе збореше на митинг во Хјустон, а Опра Винфри водеше настан близу Детроит што се емитуваше во живо. Иако кружеле шпекулации дека ѕвездите биле платени милиони долари за нивната поддршка, официјални податоци покажуваат дека кампањата на Харис ѝ платила 165.000 долари на продукциската компанија на Бијонсе и милион долари на компанијата на Винфри, „Харпо продакшнс“. Винфри кажа дека не примила никаков личен надомест.