Доналд Трамп најави дека денеска ќе потпише серија извршни наредби додека се подготвува да се врати во Белата куќа, кажувајќи им на своите поддржувачи дека ќе се движи со историска брзина и сила.
Трамп денеска ќе положи заклетва и ќе стане 47. претседател на САД, ветувајќи сеизмички промени во својот втор мандат. Тој кажа дека ќе ги искористи своите претседателски овластувања за да спроведе масовни депортации, да ги укине еколошките регулативи и да ги запре програмите за различност.
„Ја ставаме Америка на прво место и тоа почнува утре. Многу ќе се забавувате кога утре ќе гледате телевизија“, кажа Трамп пред своите илјадници поддржувачи во Вашингтон.
Се очекува тој денеска да потпише околу 200 извршни документи, од кои некои ќе бидат законски обврзувачки, а некои претседателски директиви, кои вообичаено не се законски обврзувачки.
„Секоја глупа и радикална извршна наредба на администрацијата на Бајден ќе биде поништена во првите часови откако ќе положам заклетва“, вети Трамп.
Тој, меѓу другото, најави извршни наредби за забрзување на програмите за развој на вештачка интелигенција, формирање на Оддел за владина ефикасност, отворање сите документи за убиствата на Џон Кенеди, Роберт Кенеди и Мартин Лутер Кинг и за создавање штит за противвоздушна одбрана Железна купола, налик на израелскиот. Тој исто така кажа дека ќе им забрани на трансродови жени да се натпреваруваат во женски спортски дисциплини и ќе ја поврати контролата врз образованието во сојузните држави.
„Ќе видите извршни наредби што ќе ве направат многу среќни. Мора да ја поставиме земјата на вистинскиот курс“, рече Трамп.
Главниот фокус на неговите извршни наредби ќе биде илегалната имиграција, но експертите сметаат дека неговото ветување за депортирање на милиони недокументирани имигранти ќе се соочи со големи логистички проблеми и би било премногу скапо да се спроведе.
Трамп исто така најави дека ќе ги помилува луѓето кои беа осудени за упадот во Конгресот на 6 јануари 2021.
Поради најавите за многу студено време, инаугурацијата на Трамп нема да се одржи надвор, туку во Ротондата на американскиот Конгрес. Церемонијата ќе се одржи на пладне по локално време, односно во 18 часот по средноевропско време.