Повторен дуел на Џо Бајден и Доналд Трамп на годинашните претседателски избори во САД стана уште поизвесен откако Трамп победи на републиканските предизбори во речиси сите сојузни држави во кои што се гласаше во таканаречениот супервторник.
Проекциите велат дека Трамп ќе победи во најмалку 12 сојузни држави, вклучувајќи ги Калифорнија и Тексас, кои носат многу делегати, додека неговата единствена конкурентка Ники Хејли изненадувачки триумфираше во Вермонт. Сепак, таа нема речиси никакви шанси да обезбеди републиканска номинација откако претходно победи само уште во главниот град Вашингтон.
Трамп и Бајден се фокусираа еден на друг додека излегуваа резултатите од најголемиот изборен ден во САД пред самите претседателски избори. Обраќајќи се од својот имот во Флорида, Трамп ги нападна имиграциските политики на Бајден и го опиша како најлошиот претседател во историјата на земјата.
„5 ноември 2024 е најважниот ден во историјата на нашата земја. Светските лидери ми кажуваат дека нашата земја ја сметаат за шега. Ветувам дека ќе ви ја вратам“, изјави Трамп.
Во исто време, Бајден повторно го опиша Трамп како закана за американската демократија.
„Денешните резултати ги оставаат Американците со јасен избор. Ќе одиме напред или ќе му дозволиме на Трамп да нѐ врати во хаос, поделби и темнина“, рече Бајден.
Тој доживеа еден пораз на вчерашните демократски предизбори, во Американска Самоа.