Во експлозивно тврдење, Илон Маск – среде ескалацијата на денешната расправија во реално време со претседателот Трамп – тврдеше дека Трамп е „во досиејата на Епстајн“. Маск, во објава на неговата платформа за социјални медиуми Икс, напиша:
„Време е да се фрли навистина големата бомба: Доналд Трамп е во досиејата на Епстајн. Тоа е вистинската причина зошто тие не се објавени. Имајте убав ден, ДЈТ (кратенка од Доналд Ј. Трамп – н.з.)!“ Маск подоцна додаде: „Обележете го овој пост за во иднина. Вистината ќе излезе на виделина“.
„Досиејата на Епстајн“ е референца на документите на американската влада за Џефри Епстајн, осрамотениот мултимилионерски финансиер и осуден сексуален престапник. Епстајн почина во 2019 година, властите смртта ја оценија како очигледно самоубиство додека беше в затвор на Менхетен чекајќи судење за обвиненија за трговија со луѓе.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар за тврдењето на Маск.
Генералната обвинителка на САД, Памела Бонди, која беше назначена од Трамп, кон крајот на февруари ја декласифицираше и јавно ја објави „првата фаза“ од досиејата поврзани со Епстајн и „неговата сексуална експлоатација на над 250 малолетни девојчиња во неговите домови во Њујорк и Флорида, меѓу другите локации“, според соопштението на Министерството за правда.
Пред смртта на Епстајн, федералните обвинители го обвинија за трговија со девојчиња на возраст од само 14 години и собирање детска порнографија. Тој се изјасни за невин, но му беше одбиено ослободување со кауција откако судијата утврди дека има значителен ризик од бегство.
Мрежата на пријатели на Епстајн во Холивуд, Волстрит и Вашингтон, го вклучуваше Трамп и многу други, меѓу кои професорот по право на Харвард, Алан Дершовиц, Мик Џегер, Кевин Спејси и поранешниот претседател Бил Клинтон.
Според „Њујорк тајмс“, Маск бил „фотографиран на забава во 2014 година со Гислејн Максвел, една од долгогодишните соработнички на Епстајн и поранешна девојка која беше осудена во 2021 година по обвинение дека му помагала на Епстајн во неговите активности за трговија со луѓе“. Максвел доби 20-годишна затворска казна во случајот. Во 2018 година, Епстајн му рече на „Тајмс“ дека го советувал Маск, но Маск го негираше тоа во тоа време.
Доналд Трамп претходно денеска изјави дека е многу изненаден и разочаран од критиките на Илон Маск на новиот закон за буџетот.
„Илон и јас имавме одличен однос, не знам дали ќе имаме пак. Тој не е првиот кој излегол од владата, па станал непријателски расположен. Тоа е Трамповиот синдром на пореметување“, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.
Ова е најдиректниот напад на Трамп врз Маск откако тој излезе од владата, каде што како шеф на Одделот за владина ефикасност ги предводеше напорите за намалување на администрацијата и сојузните трошоци. Маск објави дека ја напушта Белата куќа само ден откако кажа дека е разочаран од „големиот, прекрасен закон“ на Трамп, велејќи дека тој само ќе го зголеми дефицитот против што се бореле. Вчера ги засили критиките на законот,и рече дека е чудовиште.
„Законот е исполнет со свинско месо и е расипничко трошење на владата. Или имате голем и грд закон или убав и тенок“, напиша Маск на Икс откако беше критикуван од Трамп.
Трамп вели дека законот е неверојатен и ќе значи огромно намалување на даноците.
„Повеќе би сакал Маск да ме критикува мене отколку законот. Мислам дека Маск е вознемирен затоа што администрацијата ги укина федералните обврски за електрични возила. Маск го знаеше ова од самиот почеток, но знам дека тоа го вознемирило“, рече Трамп.
Маск потроши речиси 250 милиони долари на кампањата на Трамп.
„Каква неблагодарност! Без мене, Трамп ќе ги изгубеше изборите“, напиша Маск на Икс во продолжението на кавгата.