Доналд Трамп ќе ги одложи новите царини за Мексико за еден месец откако Мексико се согласил да ја зајакне својата северна граница со 10.000 војници со цел да се спречи внесување дроги во САД, особено фентанил. Мексиканската претседателка Клаудија Шеинабум изјави дека во рамките на договорот САД се согласиле да спречат шверц на оружје во Мексико.
Двајцата лидери разговараа преку телефон неколку часа пред да стапат на сила новите царини за Мексико, Канада и Кина.
„Двете земји ќе ја искористат едномесечната пауза за да продолжат со преговорите“, кажа Трамп.
Тој денеска разговарал и со канадскиот премиер Џастин Трудо и рече дека подоцна повторно ќе се слушнат. И Канада и Мексико најавија дека соодветно ќе одговорат на новите американски царини од 25%.
Трамп навести дека планира да воведе царини и за Европска Унија, но не кажа кога би се случило тоа. Европските лидери кои денеска имаа неформален состанок во Брисел соопштија дека ќе бидат спремни да им возвратат на американските царини.