Унгарија и Виетнам потврдија дека ја прифатиле поканата за членство во Одборот за мир во Газа, предводен од Доналд Трамп, тело кое ќе ја надгледува работата на палестинската технократска влада. Државите кои сакаат постојано, а не тригодишно членство во Одборот треба да уплатат една милијарда долари, изјави еден американски функционер, додавајќи дека овие пари ќе се искористат за обнова на Газа.
Поканата за членство била испратена во околу 60 држави. Кремљ потврди дека Трамп го поканил и Владимир Путин.
„Претседателот Путин доби покана преку дипломатски канали да стане член на овој Одбор за мир. Во моментов ги разгледуваме деталите од овој предлог и се надеваме дека ќе разговараме за сите нијанси со Американците“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Австралија, Јордан, Грција, Кипар, Пакистан, Канада, Турција, Египет, Парагвај, Аргентина и Албанија исто така кажаа дека се поканети.
Се очекува САД да го објават официјалниот список на членови во наредните денови, веројатно на Светскиот економски форум во Давос. Овој одбор ќе ги надгледува следните чекори во Газа, по примирјето што стапи во сила на 10 октомври. Тие вклучуваат и распоредување на меѓународни безбедносни сили, разоружување на Хамас и реконструкција на територијата.
Трамп рече дека Одборот за мир ќе има смел нов пристап кон решавањето глобални конфликти и со тоа би можел да стане потенцијален ривал на Советот за безбедност на Обединетите нации, на чии одлуки САД често ставаа вето.
Меѓу основачките членови на Одборот се бившиот британски премиер Тони Блер, државниот секретар на САД, Марко Рубио, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер.
Израелскиот крајнодесничарски министер за финансии Безалел Смотрич го отфрли Одборот за мир и повика на негово распуштање.



