Доналд Трамп ги повика републиканците од Претставничкиот дом да гласаат за објавување на сите досиеја за сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн.
„Републиканските пратеници би требало да гласаат за објавување на досиејата за Епстајн зашто нема што да криеме“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Големата промена во ставот на Трамп следува откако десетици републиканци најавија дека се спремни да гласаат за објавување на документите. Се очекува Претставничкиот дом оваа недела да гласа за закон што ќе го обврзе министерството за правда јавно да ги објави досиејата. Поддржувачите на законот имаат доволно гласови за негово поминување во Претставничкиот дом, но не е јасно дали ќе помине и во Сенатот. Ако законот помине во двата дома, Трамп потоа ќе треба да го потпише за да бидат објавени документите.
И демократи и републиканци го поддржуваат законот. Републиканскиот пратеник Томас Мејси, кој е коспонзор за нацрт-законот, кажа дека околу 100 републикански пратеници би можеле да гласаат за него. Познат како Закон за транспарентност на досиејата Епстајн, неговата цел е да го принуди министерството за правда да ги објави сите недоверливи записи, документи, комуникации и истражни материјали поврзани со покојниот финансиер.
„Министерството за правда веќе предаде десетици илјади страници за Епстајн и разгледува разни оперативци на демократите (Бил Клинтон, Рид Хофман, Лари Самерс…). Комисијата за надзор на Претставничкиот дом може да има сè што ѝ следува според закон, не ми е гајле“, кажа Трамп.
Министерството за правда потврди дека ќе ги истражи наводните врски на Епстајн со големи банки и неколкумина истакнати демократи, вклучувајќи го и поранешниот претседател на САД. Имињата на Хофман, кој е основач на „Линкедин“ и истакнат донатор на демократите и на Самерс, поранешниот министер за финансии на Клинтон, се појавија во објавените документи.
Демократите во Претставничкиот дом минатата недела објавија над 2.900 документи за кои кажаа дека отвораат нови прашања за односот на Трамп со Епстајн и колку тој знаел за злоупотребата на малолетни девојчиња. Случајот Епстајн го прогонува Трамп со месеци. Дури и некои негови политички поддржувачи веруваат дека владата ги прикрива врските на Епстајн со богатите и моќните. Трамп и републиканската конгресменка Марџори Тејлор Грин, традиционално една од неговите најжестоки бранители, јавно се караа околу досиејата во изминатите денови, при што тој ја опиша како предавничка.



