ТРАМП ГО НАЗНАЧИ КООСНОВАЧОТ НА „ЕРБИЕНБИ“ ЏО ГЕБИЈА ЗА ШЕФ НА НОВОТО НАЦИОНАЛНО СТУДИО ЗА ДИЗАЈН

    ТРАМП ГО НАЗНАЧИ КООСНОВАЧОТ НА „ЕРБИЕНБИ“ ЏО ГЕБИЈА ЗА ШЕФ НА НОВОТО НАЦИОНАЛНО СТУДИО ЗА ДИЗАЈНГебија ќе раководи со редизајнот на околу 26.000 федерални веб-портали, од кои многу се застарени. (Фото: АП)

    Коосновачот на „Ербиенби“, Џо Гебија, е назначен од американскиот претседател Доналд Трамп за прв главен директор за дизајн во САД. Гебија ќе го предводи новото Национално студио за дизајн, кое ќе се стреми да ги направи дигиталните услуги во федералните агенции поефикасни. Трамп го создаде ова ново тело кое, според упатените, се чини за наследник на контроверзниот Оддел за владина ефикасност, порано предводен од милијардерот Илон Маск.

    Гебија рече дека неговата улога е да ги ажурира владините услуги за да ги направи „задоволителни за користење како ‘Епл стор’: убаво дизајнирани, одлично корисничко искуство, работат на современ софтвер“. Рече дека ќе направи сѐ што може за да ги направи САД „најубавата и најкорисна земја во дигиталниот свет“. Тој ги покани сите што се заинтересирани да соработуваат со него во новото Национално студио за дизајн да достават линк до нивната претходна работа.

    Гебија, кој ја предводеше реорганизацијата на федералниот процес за пензионирање во Федералната агенција за човечки ресурси, како нов главен директор за дизајн ќе се фокусира проблемите во Управата за јавни приходи.

    Многу веб-страници на американската влада беа дизајнирани од понудувачи со најниска цена и се тешки за користење или не се значително ажурирани со години.

    Претставникот на Белата куќа, Дејвид Сакс, изјави дека Гебија ќе „го надгледува редизајнот на околу 26.000 федерални веб-портали, од кои многу се застарени, за подобро да им служат на корисниците на социјално осигурување, ветераните и сите граѓани“. Според извршната наредба на Трамп, Националното студио за дизајн ќе ја подобри „употребливоста и естетиката“ на федералните дигитални услуги. Студиото ќе ги советува агенциите како да ги намалат дуплираните трошоци за дизајн и да користат стандардизиран дизајн на страниците каде што луѓето комуницираат со владата.

    Во наредбата, исто така, се вели дека студиото ќе се затвори за три години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира