Доналд Трамп кажа дека акцијата за фаќање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро се вклопува во неговите приоритети „Америка на прво место“ и ја оправда со доктрина создадена пред повеќе од 200 години.
„Американската доминација во западната хемисфера веќе никогаш нема да се доведува во прашање“, кажа Трамп.
Тој појасни дека воената акција е во согласност со Доктрината Монро, именувана според петтиот американски претседател Џејмс Монро, што Трамп ја преименуваше во Донро. Оваа доктрина ја претставува американската надворешна политика од почетокот на 19. век, според која западната хемисфера би требала да биде ослободена од влијанието на европските сили.
Промовирана од Монро во 1823 година, таа во голема мера започнала како симболичен документ во кој се изразувало американското противење на новото или на проширеното европско вклучување во Америка по векови колонијална активност во регионот. Во 1904 година, кога европските кредитори им се заканиле на латиноамериканските земји, тогашниот претседател Теодор Рузвелт ја проширил доктрината, дозволувајќи им на САД да интервенираат доколку земјите не можат да управуваат со сопствената стабилност.
Доктрината нагласуваше дека американската влада ги смета Јужна и Централна Америка за стратешки „двор“ што треба да потпадне под американско, а не европско влијание. На тој начин, доктрината беше значаен елемент на американската надворешна политика кон регионот со децении и служеше како оправдување за воените интервенции во Куба, Хаити, Никарагва и Доминиканска Република.
Во 1934 година, претседателот Френклин Рузвелт се откажа од интервенционизмот и ја воспостави својата политика на „добар сосед“ во рамките на западната хемисфера, со што доктрината изгуби на значење.
„Некако заборавивме на Доктрината Монро. Беше многу важна, но ја заборавивме. Повеќе не ја забораваме. Според нашата нова стратегија за национална безбедност, американската доминација во западната хемисфера никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“, рече Трамп.



