Доналд Трамп го спореди американскиот напад врз Иран со одлуката на САД да се фрлаат атомски бомби во Јапонија на крајот на Втората светска војна.
„Нели бевме успешни со нашиот погодок? Тоа ја заврши војната. Не сакам да ги користам примерите со Хирошима и Нагасаки, но тоа во суштина беше истата работа која ја заврши војната. Ако не го направевме тоа сега, тие и натаму ќе војуваа“, кажа Трамп на самитот на НАТО во Хаг.
САД во неделата ги бомбардираа иранските нуклеарни постројки Фордо, Натанз и Исфахан со 13-тонски бункерски бомби кои пробиваат 18 метри бетон или 61 метар земја пред да експлодираат. Трамп и натаму тврди дека тоа предизвикало целосно уништување на постројките, иако во протечен разузнавачки извештај на Пентагон се вели дека американските напади не ја уништиле иранската нуклеарна програма, туку само ја уназадиле за неколку месеци. Добро упатени извори рекле дека подземните ирански центрифуги се во голема мера недопрени, а ударот бил ограничен на надземните структури.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека извештајот е прелиминиран и имал политички мотиви.
„Мислам дека иранската нуклеарна програма е уназадена со децении со нашите напади. Иран немаше да прифати примирје доколку постројките не беа уништени“, рече Трамп, кој ја спореди војната помеѓу Иран и Израел со „две деца кои се тепаат во училиштен двор“.