Доналд Трамп ја отвори „Претседателската патека на славните“ пред Западното крило во Белата куќа, каде што се претставени тој и сите негови претходници.
Советничката за комуникации на Трамп, Марго Мартин, објави видео од патеката, во кое што можат да се видат црно-белите портрети на претседателите ставени во златна рамка, со еден исклучок. Место со портрет, Џо Бајден е претставен со фотографија на автоматско пенкало или автопен.
Трамп беше опседнат со тоа што Бајден користеше автопен додека беше претседател и во јуни нареди истрага за неговите постапки и за употребата на автопен, обвинувајќи го Бајден за когнитивно нарушување.
„Сакам да бидам јасен: јас ги донесов одлуките за време на моето претседателствување. Јас ги донесов одлуките за помилувањата, извршните наредби, законите и прогласите. Секоја сугестија дека не сум го направил тоа е смешна и лажна“, одговори Бајден на овие обвинувања.
Трамп претходно навести дека ќе стави фотографија од автоматско пенкало, место портрет на Бајден.