Доналд Трамп изјави дека планира да се сретне со кинескиот претседател Шји Џинпинг следниот месец во Јужна Кореја откако денеска имале телефонски разговор, во кој и Шји го одобрил договорот за преземање контрола врз американските операции на ТикТок.
Трамп напиша на својата социјална мрежа дека разговорот бил продуктивен и дека планира да патува во Кина следната година.
Во јануари, Врховниот суд на САД го потврди законот од април 2024, со кој се забранува апликацијата за споделување видеа, освен ако кинескиот сопственик „Бајтденс“ не го продаде својот американски оддел. ТикТок беше исклучен на еден ден во јануари откако законот стапи во сила, пред Трамп да интервенира и да издаде 75-дневно одложување. Рокот за продажба оттогаш беше продолжен трипати и требаше да истече на 17 септември, но Трамп оваа недела го продолжи до декември.
Трамп денеска кажа дека постигнал напредок со Шји во трговските прашања и дека ќе се сретнат на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка во Јужна Кореја, кој ќе почне кон крајот на октомври. Потоа, како што рече, ќе ја посети Кина, а Шји ќе дојде во САД.
Трамп и кинеските државни медиуми не дадоа детали за договорот за ТикТок. Се верува дека група американски фирми ќе му овозможи на ТикТок да продолжи да работи во САД, користејќи алгоритамска технологија лиценцирана од „Бајтденс“.