Доналд Трамп најави дека денеска ќе има важна објава за аутизмот.
„Мислам дека ова ќе ви биде неверојатно. Пронајдовме одговор за аутизам“, кажа Трамп, обраќајќи се на комеморацијата за убиениот конзервативен активист Чарли Кирк.
Иако не изнесе детали за тоа што планира да каже, тој рече дека неговата влада нема да дозволи тоа повеќе да се случува.
„Тоа ќе биде една од најважните прес-конференции што ќе ги имам“, кажа Трамп.
Според американските медиуми, се очекува Трамп да го поврзе развојот на аутизмот кај децата со користењето на лекот против болки „тиленол“ за време на бременоста, заедно со ниски нивоа на фолна киселина, витамин кој е важен за правилен развој на мозокот и рбетот на бебето.
„Тиленол“, што е заштитно име на генеричкиот лек против болки „ацетаминофен“, е широко користен во САД, па така и за време на бременоста. Здравствените власти планираат да ги предупредат жените да не го користат лекот рано во бременоста, освен ако немаат треска, објави „Вашингтон пост“ вчера.
Производителот на „тиленол“, „Кенвју“, претходно овој месец соопшти дека се вклучил во научна размена на мислења за ова прашање со претставници на Министерството за здравство и ги повика бремените жени да разговараат со својот лекар пред да земат каков било лек без рецепт.
Стапката на аутизмот во САД е во пораст. Околу едно од 31 дете било дијагностицирано со аутизам до осумгодишна возраст во 2022, во споредба со едно од 36 во 2020, според извештај на американскиот Центар за контрола и превенција на болести објавен во април. Има две главни причини за тоа: проширување на дефиницијата на аутизмот во 2013 и подобар скрининг на децата, особено бебињата.