Доналд Трамп ќе потпише извршна наредба која ќе овозможи да се прошири пристапот до канабисот, што е најзначајна промена во американската политика за дроги во последните децении. Со овој потег ќе се промени класификацијата на марихуаната од наркотик од Список 1 во дрога од Список 3, ставајќи ја во истата категорија како парацетамолот со кодеинот, објавија американските медиуми.
И покрај тоа, марихуаната останува илегална на федерално ниво, но новата класифиција ќе овозможи да се спроведат проширени истражувања за нејзините потенцијални придобивки.
Агенцијата за борба против дрога на САД вели дека наркотиците од Список 3, кои исто така вклучуваат кетамин и анаболички стероиди, имаат само „умерен до низок потенцијал за физичка и психолошка зависност“.
Во последниве години, мнозинството американски сојузни држави ја одобрија медицинската употреба на марихуаната, а 24 ја легализираа рекреативната употреба. Канабисот од 1971 е наркотик од Список 1, што значи дека нема прифатена медицинска употреба и постои висок потенцијал за злоупотреба.
Порано оваа недела, Трамп рече дека размислува за промена на класификацијата зашто „бројни истражувања не можат да се спроведат ако не се направи тоа“.
„Верувам дека е време да се стави крај на бесконечните апсења и затворања на возрасни за мали количини марихуана за лична употреба. Исто така, мора да имплементираме паметни регулативи, а воедно да им обезбедиме пристап на возрасните до безбедни, тестирани производи“, кажа Трамп минатата година додека се кандидираше за претседател.



