Доналд Трамп ги засили своите најави за испраќање на Националната гарда и агенти за имиграција во Чикаго, објавувајќи монтажа на која се прикажа себеси како полковникот Килгор од култниот филм „Апокалипса сега“, додека хеликоптери летаат над третиот по големина град во САД.
„Го сакам мирисот на депортации наутро. Чикаго наскоро ќе дознае зошто се вика Министерство за војна“, напиша Трамп на социјални мрежи.
Тој не понуди детали, освен што се поигра со насловот на легендарниот воен филм на Френсис Форд Копола од 1979 година, од кој доаѓа познатата реплика „Го сакам мирисот на напалм наутро“.
Гувернерот на Илиноис, Џеј-Би Прицкер, му одговори на Трамп дека се однесува како диктатор во обид.
„Тој се заканува дека ќе почне војна против американски град. Тоа не е шега. Тоа не е нормално. Трамп е уплашен човек кој сака да биде диктатор“, рече Прицкер.
Трамп во петокот потпиша извршна наредба за преименување на Министерството за одбрана во Министерство за војна, сметајќи дека САД треба и да напаѓаат, а не само да се бранат.
Тој викендов ги повтори своите закани дека ќе го додаде Чикаго на листата градови предводени од Демократите каде што ќе испрати федерални служби за безбедност, како што претходно направи во Лос Анџелес и Вашингтон. Како следни градови каде што би можел да го спроведе ова ги најави и Балтимор, Њу Орлеанс и Портланд.