Американскиот претседател Доналд Трамп најави двојно зголемување на постоечките царини за увоз на челик во САД. Во говорот пред работниците во фабрика за челик во Пенсилванија, Трамп рече дека сака да ги зголеми царините од сегашните 25 проценти на 50 проценти од вредноста на стоката. Повисоките царини треба да стапат на сила на 4 јуни, соопшти Белата куќа.
Дополнителните давачки за увоз ќе ја зајакнат американската челична индустрија, рече Трамп.„Никој нема да може да ги избегне”, рече тој. Царините се неговиот „апсолутно омилен збор“, им кажа тој на работниците, додавајќи дека фабриката во Пенсилванија повеќе немаше ни да постои ако тој не ги зголемеше царините за увоз на челик за време на неговиот прв мандат.
Кратко потоа, Трамп на својата платформа Трут соушал објави дека царините за алуминиум исто така треба да се удвојат на 50 проценти. Не беше веднаш јасно дали ќе има исклучоци од сега зголемените царини – на пример за Канада и Мексико, со кои САД формираат северноамериканска зона за слободна трговија. Од првичните царини од 25 проценти наметнати во февруари, немаше исклучоци.
Во моментов се водат различни правни постапки во врска со законитоста на многу од царините воведени од Трамп, а уште не се донесени конечни одлуки. Апелациониот суд неодамна со својата одлука привремено ја поддржа царинската политика на Трамп. Американскиот претседател веќе јасно стави до знаење дека спорот за царините ќе го однесе до Врховниот суд ако е потребно – каде конзервативните судии имаат мнозинство.
Ова се однесува на увозните давачки, кои се засноваат на вонредна состојба за намалување на трговскиот дефицит на САД, а кои се повеќето од царините наметнати од администрацијата на Трамп, вклучувајќи ги и оние што ги објави на почетокот на април.
Но, царините за увоз на челик, алуминиум и автомобили не се засегнати од овој правен спор, бидејќи тие се регулирани со посебен закон формално оправдан со националната безбедност. Увозот на производи од челик во САД веројатно ќе стане уште потежок со повисоките царини.