Доналд Трамп најави намалување на царините за Кина во пресрет на трговските разговори помеѓу Кина и САД, кои почнуваат утре во Женева.
„Не можат да бидат повисоки од сегашните 145%, така што знаеме дека ќе се намалат“, кажа Трамп, алудирајќи на царините што ѝ ги наметна на Кина по враќањето во Белата куќа.
Средбата во Швајцарија е најсилниот сигнал дека двете најголемите економии во светот сакаат да ја деескалираат трговската војна која предизвика потреси на финансиските пазари.
„Мислам дека тоа ќе биде многу пријателска средба. Тие сакаат ова да се реши на елегантен начин“, кажа Трамп.
И кинеската влада изрази оптимизам во пресрет на разговорите, велејќи дека е убедена дека можат да се решат трговските проблеми со САД. Главен американски преговарач ќе биде министерот за финансии Скот Бесент, додека Кина ќе ја предводи вицепремиерот Хе Лифенг.
Официјални податоци за април покажаа дека кинескиот извоз во САД паднал за 20% во споредба со истиот период лани. Кина им возврати на САД со царини од 125%.
Разговорите во Женева доаѓаат два дена откако САД постигнаа трговски договор со Велика Британија.