Доналд Трамп изјави дека ѝ наредил на владата повторно да го отвори и прошири некогашниот затвор Алкатраз, сместен на остров близу мостот Голден гејт во Сан Франциско. Тој кажа дека Америка премногу долго е преплавена со „злобни и насилни престапници кои ги повторуваат своите дела“.
„Повторното отворање на Алкатраз ќе служи како симбол на закон, ред и правда“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Водечките демократи кажаа дека предлогот на Трамп не е сериозен. Затворот со максимално обезбедување познат како Карпа беше затворен во 1963 и оттогаш е туристичка атракција.
„Денеска му наредив на Бирото за затвори, заедно со министерството за правда и ФБИ, повторно да го отвори Алкатраз, да го обнови и прошири. Затворот ќе стане дом на најбезмилосните и најнасилни американски престапници“, кажа Трамп.
Алкатраз првично бил поморска утврда, а во почетокот на 20. век бил претворен во воен затвор. Министерството за правда го презел во 1930-тите, по што бил вклучен во федералниот затворски систем и тука лежеле некои од најозлогласените американски гангстери, како Ал Капоне. Алкатраз бил затворен зашто натамошното работење било прескапо и експертите велат дека повторното отворање ќе чини многу пари.
„Во постојните федерални затвори има многу слободни места, па нема потреба од нов затвор. Алкатраз имал репутација на строг затвор и Трамп сака да испрати порака дека неговата влада ќе биде цврста со криминалот“, изјави Габриел Џек Џин, професор по право на Универзитетот Калифорнија.