Доналд Трамп се нарече себеси „вршител на должноста претседател на Венецуела“, објавувајќи лажна страница од „Википедија“ на својата социјална мрежа Трут соушл. Таму е наведено дека ја презел функцијата во јануари 2026, а Џеј-Ди Венс е потпретседател.
Тоа е последното во серијата тврдења дека Трамп и САД управуваат со Венецуела по американската воена акција во која беше заробен претседателот Николас Мадуро. Минатата недела, Трамп кажа дека САД би можеле со години да ја водат Венецуела и да ги користат нејзините нафтени резерви.
„Само времето ќе покаже колку ќе трае тоа“, рече Трамп.
По соборувањето на Мадуро, неговата функција ја презеде потпретседателката Делси Родригес, која повика на соработка со САД.
„Кој управува со Венецуела? Моќта на народот и неговата уставна влада, во тоа нема сомнеж. Венецуелскиот народ владее тука, а јас имам одговорност да ја водам земјата додека Николас Мадуро е во заробеништво“, изјави Родригес викендов.




